Возачот на цистерната, кој беше уапсен по тешката сообраќајна несреќа на Халкидики во која загинаа мајка, татко и шестмесечно бебе од Молдавија, е ослободен од притвор по наредба на обвинителот, додека истрагата за несреќата продолжува.
Според грчката полиција, трагедијата се случила на регионалниот пат меѓу Неа Мудања и Ситонија, кога автомобилот во кој патувало четиричленото семејство се судрил челно со цистерна. Првичните информации укажуваат дека возачот на автомобилот ја изгубил контролата, преминал на спротивната коловозна лента и удрил во товарното возило.
Во несреќата на лице место загинале 28-годишната мајка и шестмесечната ќерка, додека 35-годишниот татко им подлегнал на повредите неколку часа подоцна во болница.
Единствен преживеан е нивната седумгодишна ќерка, која се наоѓа во критична состојба на Одделот за детска интензивна нега во Солун. Девојчето е интубирано и има повеќекратни повреди, вклучувајќи повреди на градниот кош, скршеница на бутната коска и повреди на лицето. Лекарите веќе извршиле оперативен зафат.
Почесниот конзул на Молдавија во Солун ја следи состојбата на девојчето и обезбедува поддршка, додека грчките власти продолжуваат да ги утврдуваат точните околности под кои се случила трагичната несреќа.







