Во голем шумски пожар што го зафати подрачјето во близина на Солун, Грција, животот го загубија две лица, меѓу кои и 12-годишно дете, откако синоќа беше пронајдено ново изгорено тело во близина на селото Лити.
Според информациите од грчките служби за итни случаи, второто тело било откриено доцна во ноќта во објект лоциран во шумската зона кај Лити, во општината Ореокастро. Иако идентификацијата сè уште официјално не е завршена, се претпоставува дека станува збор за детето кое претходно било пријавено како исчезнато.
Претходно во текот на интервенцијата на пожарникарите, било пронајдено и тело на 66-годишен маж во близина на истата куќа. Во истиот инцидент, една жена била спасена со сериозни изгореници и итно пренесена во болница во Солун, каде што ѝ е укажана медицинска помош.
Пожарот кој избувнал вчера попладне, првично зафатил ниска вегетација, но поради силните ветрови брзо се проширил кон шумскиот појас и се доближил до населените места. Ситуацијата станала критична кога огнената стихија стигнала до првите куќи во селото Лити, по што властите испратиле итна порака преку системот 112 и наредиле евакуација на жителите кон локалниот стадион.
Пожарникарските екипи успеале да го стават пожарот под контрола, а утрово нема активни жаришта во погоденото подрачје. Сепак, истрагата за причините и целосната штета продолжува, додека локалните власти работат на проценка на состојбата во погодените области.




