Драматична полициска потера се одвивала во Словенија, откако 21-годишен маж наводно му го одзел службениот пиштол на полицаец, пукал во него, а потоа со полициско возило побегнал кон Горенска.
Инцидентот започнал во петокот наутро, кога осомничениот предизвикал сообраќајна несреќа на љубљанската обиколница и продолжил да бега во правец на Крањ.
Полицајци успеале да го запрат кај излезот Шмартно, но при постапувањето 21-годишникот успеал да му го одземе службеното оружје на еден од полицајците. Според информациите, тој испукал куршуми кон полицаецот, го зел службеното полициско возило и продолжил со бегството.
Повредениот полицаец веднаш бил пренесен во болница. Неговата состојба е стабилна и не е во животна опасност, а други повредени лица во инцидентот нема.
По нападот била организирана голема полициска потера. Украденото возило било лоцирано во областа Лесце, а осомничениот подоцна бил пронајден и уапсен во Радовљица.
Поради проценката дека вооружениот бегалец може да претставува опасност, во Радовљица превентивно биле блокирани основно училиште, градинка, две средни училишта, здравствен центар, управна канцеларија и неколку продавници. Откако осомничениот бил уапсен, институциите продолжиле со редовна работа.
Инцидентот предизвикал и сериозни проблеми во сообраќајот. Дел од Горенскиот автопат во правец кон Јесенице бил затворен, а се создале повеќекilометарски колони на љубљанската обиколница и околните патишта.
Полицијата продолжува со истрагата и собирањето докази, додека мотивот за нападот засега не е познат.







