ПРВ.мк
Црна Хроника

ДРАМА НА ЕЗЕРО: Маж исчезна во водата, пријател со часови го барал на брегот пред да повика помош!

ДРАМА НА ЕЗЕРО: Маж исчезна во водата, пријател со часови го барал на брегот пред да повика помош!

На Рготското Езеро, кое се наоѓа на 11 километри од Заечар, Србија, во тек е голема потрага по исчезнат маж на средна возраст. Поради околностите, се стравува дека тој се удавил во езерските води во предвечерните часови.

Алармот бил кренат од негов пријател со кого заедно заминале на капење.

„Се чекаат нуркачки тимови кои треба да пристигнат секој момент. Полицијата била повикана околу 19:30 часот од пријателот на исчезнатиот. Откако забележал дека го нема, тој најпрво сам започнал да го бара по брегот и да ги прашува останатите капачи дали го виделе. Кога сфатил дека го нема никаде, случајот го пријавил во Полициската управа во Заечар“, пренесуваат регионалните медиуми изјави од надлежните служби.

Полициски екипи веднаш излегле на терен и ги преземаат сите неопходни мерки за пронаоѓање на мажот, за кој се претпоставува дека е на возраст од околу 40 години.

Рготското Езеро инаку важи за исклучително длабоко – на одредени места длабочината достигнува и до 40 метри, а се протега на површина од околу три хектари. Со оглед на тоа што езерото не е регистрирано како јавно уредено капалиште, на локацијата нема спасувачки служби.

И покрај опасностите и ризиците, ова место е многу популарно, па во текот на топлите летни денови таму се собираат и до 2.000 капачи. Потрагата по исчезнатиот маж продолжува.