Вистинска полициска драма се случила на 7 октомври во Скопје, кога акција против продажба на дрога прераснала во опасна потера, при што на полициски службеник му бил одземен службениот пиштол.
Инцидентот започнал околу 20:25 часот на улицата „Црногорска“, каде што полицијата поставила заседа за автомобил „БМВ“, по претходни информации за планирана купопродажба на марихуана.
Кога полициските службеници му дале знак на возилото да запре, возачот го стартувал автомобилот и удрил во бандера, а преку прозорецот била фрлена кеса со марихуана.
Во моментот кога полицаец извадил службен пиштол и наредил „Стој, полиција!“, лицето на совозачкото седиште му го одзело оружјето.
Веднаш потоа возачот побегнал со автомобилот, движејќи се со голема брзина по улицата „Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје – Тетово.
И покрај полициските светлосни и звучни сигнали, возилото не запрело.
За време на потерата еден полициски службеник испукал три предупредувачки истрели во воздух.
Бегството завршило кога „БМВ“-то удрило во банкина на автопатот и се извртело.
Од возилото излегле П.А. (24) и Е.П. (21), кои биле лишени од слобода. Службениот пиштол бил одземен, а при пребарување на теренот била пронајдена и кесата со марихуана.
На 14 октомври, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, полицијата поднела кривични пријави против двајцата за спречување службено лице во вршење службено дејствие и кривични дела поврзани со наркотични дроги.
Кривична пријава е поднесена и против трето лице, М.Т., поради сомневање за поврзаност со нелегална трговија со дрога.
Од МВР дополнително информираат дека е известен и Одделот за внатрешна контрола, кој ќе испитува дали имало евентуални неправилности во постапувањето на полициските службеници.
Случајот е пред надлежните институции, кои треба да ја утврдат кривичната одговорност на пријавените.








