Франција е потресена од трагичниот случај на 11-годишната Лијана, чие тело беше пронајдено по неколкудневна потрага во близина на градот Флеранс во југозападниот дел на земјата.
Девојчето исчезнало на 29 мај, а според сведоци последен пат било видено како влегува во автомобил на возрасен маж. По интензивната потрага, истражителите пронашле тело на дете во напуштен силос во селото Пикаскје. Иако формалната идентификација сè уште е во тек, облеката одговара на онаа што ја носела Лијана при исчезнувањето.
Како главен осомничен е приведен 41-годишен маж, татко на две деца, чија ќерка била училишна другарка на исчезнатото девојче.
Случајот предизвика силни реакции во Франција откако беше откриено дека осомничениот и претходно бил обвинуван за сексуална злоупотреба на малолетници. Една истрага била затворена, друга била отфрлена поради недостиг на докази, додека трет случај сè уште бил во тек кога девојчето исчезнало.
Францускиот претседател Емануел Макрон остро ги осуди можните пропусти во правосудниот систем, оценувајќи дека станува збор за „неприфатлива нефункционалност“. Тој побара темелна истрага и утврдување на одговорноста за начинот на кој биле третирани претходните пријави против осомничениот.
Премиерот побарал итен извештај од надлежните институции, додека министерот за правда најавил состанок со јавните обвинители за дополнително разгледување на случајот.
Во селото каде што било пронајдено телото владее шок и неверување. Локалните жители велат дека заедницата е длабоко потресена од трагедијата која отвори сериозни прашања за функционирањето на системот за заштита на децата во Франција.






