Во ноќен напад со дрон врз ученички дом во Луганската област, која е под руска контрола, загинаа најмалку четири лица, а 35 деца се повредени, соопштија руски официјални претставници.
Според нивните тврдења, во домот на универзитетот во градот Старобилск спиеле 86 тинејџери на возраст од 14 до 18 години кога објектот бил погоден. Во нападот, дел од зградата бил тешко оштетен, а спасувачки екипи сè уште трагаат по лица затрупани под урнатините.
Руски претставници за човекови права и регионални функционери изјавија дека дел од повредените се извлечени, додека операциите за пребарување и спасување продолжуваат. Од Москва беше упатена порака дека одговорните за нападот треба да бидат изведени пред лицето на правдата.
Снимки објавени од руските власти прикажуваат оштетени објекти, пожар и спасувачи кои извлекуваат повредени од урнатините.
Од украинска страна засега нема официјален коментар за настанот, а информациите не се независно потврдени.







