Сопственикот на „Пинк Медиа Груп“, Жељко Митровиќ, најави големи промени во својата деловна империја, откривајќи дека околу 1.000 вработени би можеле да останат без работа во повеќе компании од неговата групација.
Митровиќ се огласи на социјалните мрежи по изборите во Србија, опишувајќи ја одлуката како една од најтешките во неговиот живот.
Првите отпуштања веќе се реализирани во белградскиот Театар „Одеон“, каде што 150 вработени останале без работа, а ансамблите биле распуштени.
„Еден од најтешките денови во мојот живот, полн со емоции, љубов, топлина и разбирање. Ги распуштив сите ансамбли во Театарот Одеон, 150 луѓе останаа без работа. Во целиот систем ќе морам да отпуштам околу илјада луѓе, од десетина компании кои сè уште не успеале да застанат на здрави нозе“, порача Митровиќ.
Театарот „Одеон“ започна со работа во септември 2024 година, откако Митровиќ го купи поранешното истоимено кино во центарот на Белград.
Според српските медиуми, Митровиќ уште кон крајот на минатата година најавувал реорганизација на театарот, како и кадровски промени во компаниите поврзани со Пинк.
Најавените отпуштања нема да бидат ограничени само на театарот, туку ќе опфатат и други компании во рамките на неговата деловна групација.
Засега не е прецизирано кога ќе бидат реализирани сите најавени отпуштања, ниту колку вработени од секоја компанија ќе бидат опфатени.







