Нови детали излегуваат во јавноста за големата полициска акција на Министерството за внатрешни работи, насочена кон сомнежи за финансиски злоупотреби поврзани со приватната болница „Санте Плус“ и Фондот за здравствено осигурување.
Според информациите што ги објави „Фокус“, меѓу уапсените се сопственикот на болницата, бизнисменот Билал Кара, и поранешната директорка Гериана Арапи.
Како што неофицијално дознава медиумот, Кара веќе бил спроведен во Кривичниот суд и изведен пред судија на претходна постапка.
За Кара минатата година била распишана потерница во Албанија поради сомнежи за злоупотреби поврзани со приватната клиника „Интернешнл Медикер“, поранешна „Санте Плус“.
Албанските медиуми претходно објавија дека клиниката била блокирана поради наводно непријавен профит од околу еден милион евра, како и сомнежи за користење лекови со истечен рок и нерегуларности во работењето.
Кара пред три години бил именуван за почесен конзул на Македонија во Турција, со седиште во Измир.
Во меѓувреме, МВР соопшти дека во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е спроведена акција против група осомничена за незаконски наплати на операции на очи.

Според сомнежите, истите интервенции биле наплаќани и од Фондот и директно од пациентите, при што се проценува дека биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 граѓани.
Истрагата продолжува, а евентуалната кривична одговорност на осомничените допрва треба да биде утврдена во судска постапка.









