Вистинска драма се одвивала на плажата во Неа Плагија на Халкидики, каде 41-годишна жена за малку ќе го загубела животот откако силните бранови ја повлекле во морето додека во рацете го држела своето дете.
Инцидентот се случил во неделата, 16 август, околу 16:50 часот. Поради силниот ветер морето било разбранувано, а на плажата било истакнато жолто предупредувачко знаме.
Спасувачите забележале жена која лежела без свест на околу 50 метри од спасувачката кула и веднаш притрчале на помош. Таа имала пулс, но не реагирала, а нивото на кислород во крвта во еден момент било измерено на само околу 50 проценти.
Веднаш ѝ бил даден кислород, а на местото биле повикани Итната помош и крајбрежните служби. Поради сериозноста на состојбата била донесена и дополнителна боца со кислород од соседната спасувачка кула во Неа Флогита.
По околу 50 минути непрекинато давање кислород, жената почнала да се освестува и нејзината состојба постепено се подобрувала. Потоа била пренесена во здравствениот центар во Неа Мудања, а оттаму во болницата во Полигирос.
Го држела детето кога удрил силниот бран
Според сведоштвото на нејзиниот сопруг, семејството било свесно дека морето е немирно, но решиле да си играат со брановите.
Во моментот кога наишол силен бран, 41-годишната жена го држела своето дете во прегратка. Обидувајќи се да го заштити, таа го примила ударот на бранот, ја загубила рамнотежата и била повлечена од водата.
Жената проголтала големо количество морска вода и песок, по што останала без свест. Брзата реакција на спасувачите била клучна за нејзиното спасување.
По инцидентот, спасувачите повторно апелирале капачите да не ја потценуваат силата на морето и да ги почитуваат предупредувачките знамиња, особено при силен ветер и високи бранови.
Според информациите, се очекува 41-годишната жена целосно да закрепне.










