ПРВ.мк
Црна Хроника

БЕСНЕЕ ОГНЕНА СТИХИЈА: Маж го загуби животот во обид да го запре пожарот!

БЕСНЕЕ ОГНЕНА СТИХИЈА: Маж го загуби животот во обид да го запре пожарот!

Големи пожари продолжуваат да беснеат низ повеќе делови на Босна и Херцеговина, а во еден од нив животот го загуби 77-годишен маж кој, според првичните информации, се обидел сам да помогне во гаснењето на огнената стихија.

Трагичниот случај се случил во близина на Тешањ, во северниот дел на земјата. Телото на мажот било пронајдено од пожарникарите додека интервенирале на пожар кој зафатил ниска вегетација.

Од МУП на Зеничко-добојскиот кантон информираат дека околностите под кои дошло до смртта сè уште се утврдуваат. Според досегашните сознанија, постои сомнение дека 77-годишникот сам се обидел да го изгасне пожарот.

Ситуацијата со пожарите во БиХ е особено тешка поради високите температури, сушата и долгиот период без врнежи, што значително го олеснува ширењето на огнот и ги отежнува интервенциите на службите.

Огнот се приближува до хрватската граница

Меѓу активните пожаришта е и подрачјето кај Босанско Грахово, на планината Рисовац, каде што огнот зафатил голема шумска површина. Поради опасноста од ширење кон Хрватска, во гаснењето биле ангажирани и хрватски канадери.

Пожарот и понатаму е активен, соопштуваат надлежните служби.

Сериозна е состојбата и на Пљешевица кај Бихаќ. Таму огнот се шири на тежок и непристапен терен, кој на одредени места е и мински сомнителен. Поради тоа, во акцијата е вклучен хеликоптер на Вооружените сили на БиХ.

Дополнителни проблеми има и на југот на земјата, кај Иванца, во близина на Дубровник. Пожарот се приближил до границата со Хрватска, а во неговото гаснење помагаат и пожарникари од Дубровник и Жупа дубровачка.

Пожаришта се регистрирани и во подрачјата на Цазин, Пале-Прача, Невесиње и Коњиц, како и во околината на Мостар и Чапљина.

Серијата пожари претставува сериозен предизвик за службите на терен, особено поради сушните услови и високите температури кои придонесуваат огнот брзо да се шири.