ПРВ.мк
Црна Хроника

ИРЛ под оган – демант на лажните тврдења за договорот со МРТВ!

ИРЛ под оган – демант на лажните тврдења за договорот со МРТВ!

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) денеска јавно ги демантираше тврдењата поврзани со нивниот договор за соработка со Македонската радио телевизија (МРТВ), нарекувајќи ги „координирани напади и лажни информации“.

Во соопштението се наведува дека изминативе денови интернет порталите Плус Инфо, Лидер и Нетпрес, како и поврзани социјални платформи, дистрибуирале непрофесионални содржини со цел дискредитација на организацијата и нејзините новинари.

„Договорот со МРТВ не е таен и е потпишан во 2023 година, со важност до септември 2026. Тој е дел од неколкуте копродукциски договори што МРТВ ги има и со други организации,“ наведуваат од ИРЛ.

Организацијата ги отфрла тврдењата дека не доставила содржини или дека договорот е прекинат. „Нашата редакција тековно работи на преостанатите содржини, со детален план за објава,“ стои во демантот.

ИРЛ нагласува дека има 10 вработени, додека поврзаната фирма ИРЛ Стори Лаб има три, а дополнително се ангажираат и надворешни соработници. „Работиме согласно врвни меѓународни професионални и етички стандарди,“ додаваат тие.

Како непрофитна организација финансирана од грантови и донации, ИРЛ редовно комуницира со своите партнери. Според нив, нападите се дел од постојани обиди за дискредитација на истражувачкото новинарство и спречување на борбата против корупцијата.

Резултатите од нивната работа се веќе видливи – продуктите на ИРЛ емитувани преку МРТВ имаат освоено 11 домашни и меѓународни награди, меѓу кои и престижната „Global Shining Light Award 2023“, заедно со BBC.