ПРВ.мк
Црна Хроника

АПЕЛАЦИЈА ПРЕСЕЧЕ: Филиповиќ ќе лежи 2,5 години затвор за смртното прегазување на пешакот кај МНТ!

АПЕЛАЦИЈА ПРЕСЕЧЕ: Филиповиќ ќе лежи 2,5 години затвор за смртното прегазување на пешакот кај МНТ!

Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда со која Гордана Филиповиќ од Куманово е осудена на две години и шест месеци затвор поради сообраќајната несреќа кај мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, во која животот го загуби 76-годишниот пешак Слободан Ангеловски.

Со одлуката се одбиени и двете жалби – онаа на Филиповиќ, која ја оспорувала првостепената пресуда, како и жалбата на Обвинителството, со која се барало изрекување повисока затворска казна. Тоа значи дека останува во сила казната од две години и шест месеци затвор, изречена во повторената постапка пред Основниот кривичен суд Скопје.

Апелациониот суд оценил дека пресудата на првостепениот суд е соодветно образложена и дека правилно биле утврдени околностите во кои дошло до несреќата.

Според образложението на Апелација, Филиповиќ управувала автомобил по фреквентна сообраќајница во услови на густ сообраќај. Во моментот се движела со 54,4 километри на час, иако на тој дел од патот максимално дозволената брзина била 50 километри на час.

Особено значајно за судот било нејзиното однесување при приближувањето до обележаниот пешачки премин.

Како што е утврдено во постапката, возилата што се движеле во соседните сообраќајни ленти веќе биле запрени пред пешачкиот премин. Наместо да ја намали брзината и да запре, Филиповиќ заобиколила возило кое стоело во средната лента, преминала во третата лента и продолжила со движењето.

Апелациониот суд оценил дека запрените возила во соседните ленти претставувале јасен показател дека на пешачкиот премин се наоѓа пешак и дека во таква ситуација обвинетата требало да запре.

Несреќата се случи во 2022 година кај мостот „Гоце Делчев“, во близина на Македонскиот народен театар, кога беше усмртен 76-годишниот Слободан Ангеловски.

Овој предмет претходно веќе се најде пред Апелациониот суд. Со првичната пресуда Филиповиќ била осудена на три години затвор, но таа одлука била укината, по што случајот бил вратен на повторно судење.

Во повторената постапка, судијката Лидија Петровска ѝ изрекла казна од две години и шест месеци затвор.

По таа одлука, синот на загинатиот, Столе Ангеловски, јавно го изразил своето незадоволство од висината на казната.

„Максимално сум разочаран од судството во Македонија. Две години и шест месеци за обвинетата која направила сериозни прекршоци – брзо возење и незастанување на пешачки“, изјавил Ангеловски по првостепената пресуда, оценувајќи ја како шокантна и некоректна.

Одбраната, од друга страна, поднела жалба со став дека делото не било сторено со умисла, туку како последица на небрежност. И Обвинителството ја обжалила пресудата, но од спротивна причина – барало повисока казна.

Апелациониот суд сега ги одбил и двете жалби, со што ја потврдил пресудата на Основниот кривичен суд Скопје и казната од две години и шест месеци затвор за Гордана Филиповиќ.