ПРВ.мк
Црна Хроника

Алармантни бројки: Осум случаи на семејно насилство регистрирани за само еден ден

Алармантни бројки: Осум случаи на семејно насилство регистрирани за само еден ден

Осум одделни случаи со елементи на семејно или партнерско насилство се најдоа во полицискиот билтен објавен на 6 септември. Меѓу пријавите има физички напади, закани со остри и тврди предмети, полов напад и насилство меѓу членови на семејства.

Во Ѓорче Петров, 19-годишна девојка пријавила дека нејзиниот 20-годишен поранешен партнер околу 4 часот наутро физички ја нападнал во нејзиниот дом, ѝ одзел пари од чантата и ѝ упатувал закани. Со него бил извршен службен разговор во полициска станица, а по документирањето на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во Кавадарци бил приведен 40-годишен маж откако неговата 33-годишна сопруга, со која бил во бракоразводна постапка, пријавила дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал со остар предмет. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.

Во Штип, полицијата привела 23-годишник по пријава за семејно насилство врз неговата 24-годишна сопруга, кај која повредите биле констатирани во Клиничката болница во Штип.

Два случаи биле регистрирани и на гостиварското подрачје. Во едниот, 40-годишна жена пријавила дека била физички и полово нападната од својот вонбрачен партнер, додека во другиот 49-годишна жена пријавила дека сопругот ја нападнал физички и со стаклен предмет. Во двата случаи пријавените лица биле лишени од слобода.

Во Куманово, 48-годишна жена пријавила дека во семејниот дом била нападната од синот и снаата. На подрачјето на Гази Баба, пак, жена пријавила дека таа и нејзиниот поранешен сопруг биле нападнати од нивниот малолетен син, кој оштетил и дел од покуќнината.

Уште една 48-годишна скопјанка пријавила дека сопругот ја нападнал со тврд предмет, ѝ го оштетил мобилниот телефон и ѝ се заканувал со остар предмет.

Станува збор за наводи од полициски пријави, а не за правосилно утврдена вина. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случаите.