Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој е фатен со обележани банкноти додека примал поткуп. Според обвинителството, Стафа се товари за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Истрагата покажува дека во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, осомничениот наплатил вкупно 50.000 евра за ветување дека ќе влијае врз судија во скопска Апелација. Стафа првично побарал 100.000 евра за својата „услуга“, со цел да се добие укинување на мерка притвор за лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое веќе се води постапка за финансиски криминал.
Исплатата се одвивала на рати:
- На 6 октомври 2025 година, осомничениот го примил првиот дел од поткупот – 30.000 евра, кои му биле предадени од сестрата на лицето во бегство.
- На 13 декември 2025 година, Стафа побарал и примил уште 20.000 евра. Веднаш по оваа исплата, тој е лишен од слобода, а парите се пронајдени кај него.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор. Обвинителството посочува дека постои реална опасност од бегство, можност за повторување на делото или влијание врз сведоците и текот на постапката.
















