Најмалку три лица загинале во новите руски напади врз Украина, меѓу кои 29-годишна жена и нејзиниот деветгодишен син, додека украинските сили истовремено продолжиле со напади врз инфраструктурни цели во Русија.
Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, руските сили во текот на ноќта нападнале 12 региони во Украина.
Во областа Доњецк биле уништени шест ката од станбена зграда. Во нападот загинало едно лице, а уште 16 биле повредени, според украинските власти.
На мета била и железничката станица во јужниот пристанишен град Измаил. Руската страна тврди дека објектот се користи за транспорт на воена опрема и гориво.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека во Црното Море биле погодени два влекача кои, според Москва, придружувале товарни бродови со западно вооружување за Украина.
Украинските сили, пак, извршиле напад врз пристаништето Уст-Луга во Ленинградската област, каде според локалниот гувернер избувнал пожар. Пристаништето е еден од поголемите руски терминали за извоз на нафта и гас и се наоѓа на повеќе од 800 километри од Украина.
Киев соопшти и за напад врз објекти поврзани со компанијата „Вајлдберис“, за која украинската страна тврди дека учествува во снабдувањето на руската армија.







