Голема трагедија ја потресе Битола откако 19-годишно момче било пронајдено починато во стан во градот. Веста предизвика шок и тага кај локалната јавност и кај неговите пријатели и колеги.
Телото пронајдено без траги на насилство
Според информациите од СВР Битола, починатиот е 19-годишниот А.Д. од Битола. Неговото тело било пронајдено во стан, без видливи траги на насилство. Смртта на самото место ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.
На местото на настанот извршен бил увид од страна на екипа на СВР Битола, при што биле прибрани потребните докази и изготвен службен записник. Во текот на увидот присуствувале и претставници на Јавното обвинителство.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, која треба да ја утврди точната причина за смртта.
Колегите се простуваат со младиот битолчанец
Починатиот бил вработен во компанијата „Кромберг и Шуберт Македонија“, од каде преку јавно соопштение изразија сочувство до семејството и најблиските.
„Со голема тага ја примивме веста за заминувањето на нашиот колега А.Д. (19). Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство и најблиските. Ќе го паметиме како добар човек и ценет колега. Нека почива во мир“, се наведува во соопштението на компанијата.
Причините за смртта ќе бидат познати по резултатите од обдукцијата и завршувањето на истрагата.


















