Основното јавно обвинителство Велес води истрага против едно лице осомничено дека измамило повеќе граѓани, нудејќи им наводни „кубански вакцини“ против рак со цел да оствари противправна имотна корист.
Против осомничениот е оформен предмет за кривичните дела измама, според член 247, и надрилекарство, според член 209 од Кривичниот законик.
Во рамките на истрагата, Обвинителството обезбедило наредби за претреси на повеќе локации. При претресот на работното место на осомничениот во Велес биле пронајдени докази кои дополнително ќе бидат предмет на вештачење. Одземени биле и електронски уреди, а истражните органи продолжуваат со проверки за да се утврдат сите околности поврзани со случајот.
Се сослушуваат оштетените и други граѓани
Според досегашните сознанија на Обвинителството, осомничениот наводно довел во заблуда повеќе лица, лажно претставувајќи им дека им нуди вакцини против рак од Куба.
Надлежниот јавен обвинител веќе врши распити на оштетените лица, како и на други граѓани кои би можеле да поседуваат информации важни за истрагата.
Обвинителството побарало од судот да му определи мерки на претпазливост на осомничениот. Меѓу побараните мерки се одземање на патната исправа и обврска редовно да се јавува во судот.
Осомничениот во моментов е хоспитализиран во медицинска установа, каде што му било врачено решението за определување на мерките.
Од Јавното обвинителство информираат дека, во соработка со Министерството за внатрешни работи, продолжуваат со прибирање докази и проверки. Во меѓувреме, пристигнуваат и дополнителни информации кои треба да помогнат во целосното расветлување на случајот.







