По пријава од граѓанин за сторено кривично дело „изнуда“, полицискиот службеник Х.З. (48) од Одделението за криминалистички работи Гази Баба е лишен од слобода. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презеде мерки за расчистување на случајот.
Според пријавата, Х.З. заедно со други лица во повеќе наврати барал 20.000 евра од граѓанинот, пари кои наводно биле земени од неговиот син. При претрес на 25.12.2025 на подрачјето на Центар, по примопредавање на средствата, кај Х.З. биле пронајдени 20 апоени од по 50 евра.
Х.З. е задржан во полициска станица, а против него СВР Скопје поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје за „изнуда“ по член 258 од Кривичниот законик.
Одделот за внатрешна контрола ќе предложи поведување дисциплинска постапка и задолжително отстранување од работното место до нејзиното завршување, а судија на претходна постапка му одреди мерки на претпазливост.
















