Во изминативе четири години, вкупно 10.500 граѓани на Турција поднеле барање за македонско државјанство врз основа на македонско потекло, објави Радио Слободна Европа.
Според МВР, станува збор за лица кои треба да докажат дека се иселеници од Македонија и дека имаат македонско етничко потекло. Зголемувањето на бројот на барања се припишува на законските измени од 2021 година, кои го олесниле процесот за иселениците од Турција.
„Законските измени во 2021 година придонесоа за енормно зголемување на бројот на барања за стекнување на македонско државјанство од иселеници кои живеат во Република Турција“, соопшти МВР за РСЕ.
Покрај тоа, податоците од македонско-турската стопанска комора МАТТО покажуваат дека за 2024 година бројот на регистрирани фирми со турски капитал, односно правни и физички лица, достигнал 4.132. Од комората нагласуваат дека бизнис-интересот е резултат на блиските македонско-турски односи, што дополнително ја зголемува економската соработка меѓу двете земји.
















