Едно лице загина, а две се здобиле со тешки повреди во експлозија што се случила во дворот на семејна куќа во селото Старчево, во близина на Панчево, Србија.
Според српски Telegraf.rs, трагедијата се случила за време на приватен собир, каде што биле присутни повеќе лица. Според неофицијални информации, тројца мажи во еден момент почнале да си фрлаат активна рачна бомба.
Во текот на инцидентот, експлозивната направа детонирала. Лицето кое ја активирало бомбата починало на местото на настанот, додека другите двајца мажи биле итно пренесени во болница со тешки повреди.
По пријавата, на местото пристигнале полициски екипи и Итната медицинска помош, а увид бил извршен под надзор на дежурен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Панчево.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата, која треба да ги утврди точните околности под кои се случила експлозијата, како и потеклото на експлозивната направа. Според досегашните информации, случајот се води врз основа на неофицијални сознанија и истрагата е во тек.







