Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека во рамки на истрага за организирана криминална група, поврзана со нелегален увоз, дистрибуција и употреба на медицински лекови и помагала, биле приведени три лица, меѓу кои и двајца лекари.
Во акцијата, која се реализирала во текот на вчерашниот ден, биле извршени претреси на пет различни локации во Скопје, вклучително и во две здравствени установи.
По обезбедувањето на доказите, обвинителството донело наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Тројца од нив се осомничени за злосторничко здружување и повреда на права од индустриска сопственост, додека четвртото лице се товари за повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот кривичен суд во Скопје на сите осомничени им изрекол мерки на претпазливост.
Од Обвинителството потсетуваат дека овој предмет е отворен уште во април годинава, кога истражната постапка опфати 17 физички и шест правни лица, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.
Истрагата продолжува, а надлежните најавуваат понатамошни активности за целосно расчистување на случајот.






