Мартин Велев (36), синот на претседателката на Бугарскиот олимписки комитет Весела Лечева, загина во тешка несреќа на грчкиот полуостров Халкидики, откако при возење џет-ски се здобил со смртоносни повреди.
Според информациите на бугарските медиуми, несреќата се случила во близина на кампот „Порто Елеа“, со кој семејството Лечеви со години управува.
Како што се наведува, Велев возел џет-ски со голема брзина, но во еден момент не успеал да се задржи на возилото, по што паднал во морето и при ударот се здобил со тешки повреди.
Турист кој се наоѓал во близина веднаш реагирал и се обидел да му помогне и да го извлече од водата. На местото на несреќата пристигнала и екипа на итната медицинска помош, но лекарите не успеале да го спасат.
Според првичните медицински наоди, 36-годишниот Велев починал како последица на силниот удар при падот. Случајот го истражува грчката крајбрежна стража, која треба да ги утврди точните околности што довеле до трагедијата.
По несреќата, грчките власти повторно упатија апел до туристите за зголемена внимателност при користење џет-ски и други водни реквизити, особено во услови на силен ветер и немирно море.
Бугарските медиуми објавија дека Мартин Велев очекувал второ дете. Според неофицијални информации, неговата сопруга Ана-Марија, која е бремена, била во кампот во моментот на несреќата. Двојката веќе има една ќерка, Вајана, родена во октомври 2022 година.
Ова е уште една голема трагедија за семејството Велеви. Таткото на Мартин, бизнисменот Манол Велев, почина во 2022 година, по 15 години поминати во будна кома, откако беше жртва на обид за атентат.







