Основното училиште „Стив Наумов“ од Битола денеска излезе со официјално соопштение поради заканувачки пораки што еден ученик ги упатил кон своите соученици и нивните родители. Заканите прво се појавиле на социјалните мрежи, а потоа и на ливчиња оставени во училиштето, што предизвикало паника меѓу учениците и родителите.
Според неофицијални информации, случајот е пријавен во полиција, а родителите биле информирани дека ученикот привремено нема да посетува настава со физичко присуство, туку ќе следи онлајн настава.
Во соопштението од училиштето се наведува: „Како транспарентно училиште, веднаш постапивме согласно законските надлежности и ги известивме надлежните институции – Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи и подрачното одделение за образование на општина Битола. Целта е случајот целосно да се испита и институционално да се постапува.“
Од училиштето додаваат дека презеле мерки за заштита и поддршка на учениците, како и активности за смирување на состојбата и обезбедување безбедна средина за сите.
„Апелираме до јавноста за воздржаност од ширење непроверени информации и за почитување на приватноста и достоинството на сите инволвирани лица, особено имајќи предвид дека станува збор за малолетници,“ стои во соопштението.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а училиштето нагласува дека безбедноста и благосостојбата на учениците останува највисок приоритет. Истрагата продолжува, а институциите ќе треба да утврдат дали заканите имаат сериозен карактер и какви мерки ќе следуваат понатаму.







