Триесет и тригодишната Алис Веб, мајка на пет деца од Велика Британија, починала по нехируршки естетски третман за зголемување и обликување на задникот, при кој ѝ била вбризгана огромна количина дермален филер.
Трагедијата се случила во септември 2024 година, а на судското испитување во Глостершир биле откриени вознемирувачки детали за интервенцијата и причините за нејзината смрт.
Третманот го извршил Џордан Парк, познат на социјалните мрежи како „Lip King“, кој немал формално медицинско образование. Според истрагата, тој ѝ вбризгал дури 1.400 милилитри филер, односно седумпати повеќе од препорачаната количина.
По интервенцијата, состојбата на Веб нагло се влошила. Таа колабирала во домот на пријателка на 23 септември, а починала следниот ден.
Патологот д-р Стивен Лидбетер утврдил дека причина за смртта била емболија предизвикана од хијалуронска киселина.
При обдукцијата била пронајдена материја слична на гел во крвните садови на мозокот, срцето, белите дробови, бубрезите и тироидната жлезда.
Особено потресни се последните пораки што Алис ги испратила до својата роднина Морган Луиз Таунсенд.
За време на третманот, таа испраќала фотографии и видеоснимки, а во една од пораките напишала: „О Боже, ова убива!“
Нејзината последна порака, испратена во 20:12 часот, содржела само еден збор: „Болно“.
Според полициската истрага, Парк немал соодветни медицински квалификации, а претходно му биле изречени забрани за изведување вакви третмани поради загриженост за безбедноста на пациентите.
На местото каде што се изведувал зафатот, полицијата пронашла само неколку фластери како опрема за прва помош.
Парк бил под истрага за убиство од небрежност, но починал во 2026 година, поради што кривичната постапка против него не можела да продолжи.
Случајот повторно го отвори прашањето за опасностите од инвазивни естетски интервенции што ги изведуваат лица без соодветна медицинска квалификација и без неопходна опрема за итни случаи.










