Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредни контроли и зема 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи од домашно производство и од увоз, со цел да се провери дали квалитетот на производите одговара на она што е наведено на декларациите.
Засега се завршени анализите на 45 мостри од млеко и млечни производи земени од поголемите синџири на маркети во земјата, додека резултатите за сувомеснатите производи сè уште се очекуваат.
Според добиените резултати, кај 10 оператори е утврдено дека производите не ги исполнуваат пропишаните стандарди, односно содржат помал процент на млечни масти од декларираното.
Во еден случај, кај оператор кој произведувал ситно сирење, било утврдено дека наместо декларираните 20% млечна маст, производот содржел само 1%. За овој прекршок изречена е казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Дополнително, осум други оператори добиле казни од по 1.050 евра поради неправилно декларирање и разлика меѓу реалниот и прикажаниот процент на млечни масти.
Кај уште еден оператор е утврдено користење на растителни (палмини) масти во млечен производ кој не бил соодветно деклариран, поради што е изречена казна од 1.300 евра, а околу 500 килограми од спорниот производ се повлечени од продажба и уништени.
Од АХВ најавуваат дека засилените инспекциски контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел заштита на потрошувачите и обезбедување исправно означување на производите.








