Сараево е потресено од двојно убиство што се случи во населбата Храсница, каде 43-годишниот Аднан Локванчиќ е осомничен дека ги убил својата мајка и брат во семејниот стан.
Полицијата го уапсила осомничениот во раните утрински часови на 16 јули, откако во станот биле пронајдени телата на двете жртви. Увидот го извршиле припадници на Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево, под надзор на дежурен обвинител.
Според неофицијални информации објавени од босанските медиуми, истражителите се сомневаат дека жртвите биле нападнати со лопата. Воедно, медиумите пренесуваат дека за време на испрашувањето осомничениот изјавувал дека ги „испратил на подобро место“, а наводно тврдел и дека слушал гласови. Овие информации засега не се официјално потврдени од истражните органи.
Адвокатот на осомничениот најави дека ќе побара невропсихијатриско вештачење, оценувајќи дека неговата психичка состојба треба стручно да се испита. Засега не е утврден мотивот за злосторството.
Соседите изјавиле дека Локванчиќ со години се грижел за мајка му и брат му, кои, според нив, имале здравствени проблеми. По завршувањето на криминалистичката обработка, осомничениот е предаден на Кантоналното обвинителство во Сараево, кое ќе одлучи за понатамошните мерки.
Истрагата продолжува со собирање докази и утврдување на сите околности поврзани со случајот.







