ПРВ.мк
Црна Хроника

Тажно: Почина срната Бамби, симболот на борбата против нелегалните стапици

Тажно: Почина срната Бамби, симболот на борбата против нелегалните стапици

Малата срна Бамби, која пред неколку дена беше пронајдена тешко повредена откако западнала во нелегално поставена стапица во околината на Битола, ја загуби битката за живот.

Тажната вест ја соопштија од Проектот за спасување на животни, од каде порачаа дека и покрај сите напори, грижата и надежта, Бамби не успеала да закрепне.

„Најмилите очи утрово засекогаш се затворија. Нашата Бамби нè напушти. Се бореше храбро до последниот здив“, стои во нивната емотивна објава.

Од организацијата упатија голема благодарност до семејството кое деноноќно се грижело за срната, ја хранело, ги преврзувало нејзините повреди и било покрај неа до последниот момент.

Истовремено најавија дека смртта на Бамби нема да остане само уште една трагична приказна. Велат дека ќе започнат иницијативи за посилна борба против нелегалните стапици, построги законски мерки, поголема одговорност за сторителите и формирање центар за згрижување на повредени диви животни.

„Бамби ја изгуби својата битка. Но нејзината приказна не завршува денес. Од денес започнуваме многу поголема борба – за сите диви животни кои заслужуваат шанса за живот“, порачаа од Проектот за спасување на животни.