Најмалку 40 лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа, откако два регионални автобуса директно се судрија во близина на градот Знојмо во јужниот дел на Чешка.
Според спасувачките служби, девет патници се здобиле со тешки и умерено тешки повреди, додека околу 30 лица поминале со полесни повреди.
Несреќата се случила на патот меѓу Знојмо и Брно, при сув коловоз и сончево време. Засега не е познато што довело до директниот судир на двата автобуса.
Поради големиот број повредени, бил активиран план за итни случаи, а на терен биле испратени бројни екипи на брзата помош, пожарникари и медицински хеликоптери. Австрија понудила помош, но чешките власти соопштиле дека располагаат со доволно ресурси за справување со ситуацијата.
Полицијата отвори истрага за причините за несреќата, а засега нема официјални информации како дошло до судирот.








