Несекојдневен сообраќаен инцидент ја шокираше британската јавност откако возач бил фатен како превезува огромен фудбалски гол на покривот од автомобил — без никакво обезбедување.
Полицијата од Хертфордшир објави видео од моментот кога возилото поминува низ раскрсница во градот Боремвуд, додека металната конструкција опасно се нишала над автомобилот. Сцената веднаш предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, а полицајците саркастично порачаа дека возачот си постигнал „автогол“.
Според нив, товарот бил крајно нестабилен и во секој момент можел да падне на улица, со што сериозно би ги загрозил останатите учесници во сообраќајот. Поради ризикот, полицијата веднаш го запрела возачот.

Британските власти потсетија дека превезување необезбеден товар е строго забрането и се смета за опасно однесување, а во одредени случаи може да заврши и со затворска казна.
На крајот, возачот добил три казнени поени, парична казна од 120 фунти и дополнителен надоместок. Случајот завршил и на суд, каде што официјално му била изречена санкцијата.
Инцидентот брзо стана хит на интернет, а многумина коментираа дека вакво „транспортно решение“ одамна не виделе.







