Невин човек од Загреб се соочува со сериозни смртни закани откако неговата фотографија и идентитет биле погрешно објавени на социјалните мрежи, со тврдење дека е еден од медицинските техничари поврзани со смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница во Јанкомир.
Станува збор за Крешимир Радушиќ, водоинсталатер роден во 1961 година, кој нема никаква поврзаност со болницата или со трагичниот случај.
Во изјава за „Дневник на Нова ТВ“, Радушиќ раскажал дека веќе три месеци работи во Дубровник и дека останал шокиран кога дознал дека неговата стара фотографија од Фејсбук се шири со тешки и невистинити обвинувања.
Според него, сè започнало откако Фејсбук-страницата „Народни репортери“ го објавила неговиот идентитет, погрешно претставувајќи го како еден од учесниците во спорната интервенција во болницата.
Набргу потоа започнале да пристигнуваат навреди и директни закани по неговиот живот и животот на неговите најблиски.
„Имам смртни закани. Ми се закануваат дека ќе ми ја убијат сопругата, децата што ги немам, мајка ми. Малку ми е страв“, изјавил вознемирениот Радушиќ.
Тој најавил дека случајот ќе го пријави во полицијата во Дубровник.
По реакциите, страницата што ја објавила неточната информација јавно признала дека направила грешка и му се извинила.
Администраторите соопштиле дека пред објавувањето не ги провериле доволно информациите и потврдиле дека Радушиќ никогаш не работел во спорната болница.
Иако објавата била повлечена, последиците за невиниот човек веќе биле сериозни.
Случајот отвори прашања за ширењето непроверени информации и опасностите од јавен линч на социјалните мрежи.







