Пред Основниот кривичен суд во Скопје, во рамки на судењето за смртта на Ивана Јовановска, сведочеше вештакот по судска медицина, д-р Златко Јаќовски, кој ги образложи резултатите од обдукцијата и токсиколошките анализи.
Според неговото сведочење, кај починатата биле утврдени повреди настанати при пад од висина, кои се оценуваат како фатални. Дополнително, биле забележани и крвни подливи во пределот на брадата и вратот, за кои вештакот појасни дека настанале во различен временски период — дел од повредите се стари околу десет дена пред смртта, додека други се здобиени непосредно пред трагичниот настан.
Токсиколошките анализи покажале дека во организмот на Јовановска немало присуство на алкохол ниту психоактивни супстанци.
За разлика од неа, кај обвинетиот Стојанче Јовановски биле утврдени присуства на повеќе супстанци. Според наодите презентирани од вештакот, во урината се детектирани кокаин во концентрација од 307,5 ng/ml, како и бензодиазепини во концентрација над 1000 ng/ml, вклучувајќи дијазепам, нордијазепам и метаболити на кокаин.
Судскиот процес продолжува со изведување на докази и дополнителни вештачења.










