Музичкиот свет е во шок по веста за смртта на британскиот пејач и текстописец Талај Рајли, кој почина на 35-годишна возраст по напад со нож во источен Лондон.
Според информациите на полицијата, музичарот, чие вистинско име било Марк Орабији, бил пронајден со убодни рани во областа Силвертаун во петокот. И покрај брзата реакција на службите, тој починал на местото на настанот.
Рајли беше добитник на Греми награда и автор на песни за некои од најголемите музички ѕвезди, меѓу кои Dua Lipa, Britney Spears и Ellie Goulding. Во текот на кариерата настапувал и на турнеи со Usher.
Неговиот брат, музичарот Скрибз Рајли, преку емотивна порака на социјалните мрежи откри дека само неколку часа пред трагедијата разговарале за иднината и за заедничките планови.
„Срцето ми е скршено. Никогаш не замислував дека тоа ќе биде нашиот последен разговор“, напиша тој.
Во соопштението на семејството, Марк Орабији е опишан како сакан син, брат и пријател, човек кој со својот талент, добрина и позитивен дух оставил длабока трага кај сите што го познавале.
Полицијата потврди дека уште едно лице, маж во дваесеттите години, било повредено во истиот инцидент, но неговите повреди не се опасни по живот.
Во врска со случајот биле уапсени три лица. Истрагата за околностите и мотивите за нападот продолжува.







