Хрватската полиција уапсила 61-годишен полски државјанин, кој е осомничен дека фотографирал голи деца на плажата Прапратно, во близина на Стон, соопшти Полициската управа на Дубровничко-неретванската жупанија.
Според полицијата, инцидентот се случил на 23 јули, кога присутни капачи забележале дека мажот ги фотографира децата додека си играле во морето и на брегот. Граѓаните реагирале, го задржале осомничениот и веднаш ја известиле полицијата.
По приведувањето, полицијата извршила претрес на неговиот автомобил и шаторот во кампот каде што престојувал. При тоа биле одземени мобилен телефон и три USB-уреди, кои ќе бидат предмет на дополнително вештачење по наредба на судот.
Според истрагата, осомничениот и претходно бил осудуван за слично кривично дело. Хрватските власти наведуваат дека во 2007 година издржал затворска казна за сличен случај на островот Раб.
На 25 јули тој бил изведен пред истражен судија, кој му одредил мерка притвор.
Од полицијата посочуваат дека случајот ја покажува важноста на брзата реакција на граѓаните и апелираат до родителите внимателно да ги надгледуваат своите деца на плажите и веднаш да пријават секое сомнително снимање или фотографирање на малолетници.







