ПРВ.мк
Црна Хроника

Државно земјиште претворено во позната кафеана - еве како ќе одговара сопственикот!

Државно земјиште претворено во позната кафеана - еве како ќе одговара сопственикот!

ОВР Крива Паланка поднесе кривична пријава против И.С. (50) и едно правно лице од Крива Паланка поради сомнение за кривично дело „узурпација на недвижности“, во случај кој опфаќа период од неколку години и значително оштетување на државен имот.

Според информациите од полицискиот билтен, во периодот од 2021 до 2025 година, на дел од три катастарски парцели кои се запишани како државна сопственост, со вкупна површина од 518 квадратни метри, пријавениот во својство на сопственик и управител на фирмата, заедно со правното лице како инвеститор, незаконски зазеле државно земјиште.

Во пријавата се наведува дека со намера да воспостават владение и да го користат просторот за деловни цели, тие бесправно изградиле потпорни ѕидови, настрешница, помошен објект и скали, со што фактички го оневозможиле користењето на просторот од страна на граѓаните и државата.

Дополнително, за изведените градежни активности не била обезбедена соодветна техничка и урбанистичка документација, и покрај тоа што објектите, според сомнежите, биле наменети за угостителска дејност во корист на правниот субјект.

Со ваквото постапување, според надлежните органи, е предизвикана штета врз државниот буџет, а случајот отвора прашања за контрола на бесправната градба и заштита на државниот имот во регионот.