ПРВ.мк
Црна Хроника

ГОЛЕМ ПОЖАР УТРОВО ВО СКОПЈЕ: Огнот проголта над 20 дуќани

ГОЛЕМ ПОЖАР УТРОВО ВО СКОПЈЕ: Огнот проголта над 20 дуќани

Голем пожар избувна во раните утрински часови во скопската општина Шуто Оризари, при што целосно изгореа повеќе од 20 дуќани со текстилна и друга комерцијална стока. За среќа, во пожарот нема повредени ниту загинати лица.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пожарот избувнал во трговски центар со монтажни објекти на улицата „Индира“. Опожарените дуќани биле во сопственост на едно лице, а биле издавани под закуп на трговци.

Дојавата за пожарот била примена околу 3:20 часот. На терен интервенирала Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје со 15 пожарникари и шест противпожарни возила.

Огнот бил силен, а густ црн чад можел да се забележи од повеќе делови на Скопје. По повеќечасовна интервенција, пожарот бил локализиран и изгаснат околу 6:45 часот. Со интервенцијата било спречено огнот да се прошири кон околните објекти.

Причините за избувнувањето на пожарот засега не се официјално утврдени. На терен треба да бидат преземени активности за утврдување на околностите под кои настанал пожарот.

Во јавноста и меѓу дел од локалното население се појавуваат сомнежи дека пожарот можеби бил подметнат, но за таквите тврдења засега нема официјална потврда од надлежните институции.

Пожарот се случи на денот кога Шуто Оризари треба да започне со одбележување на 30 години од основањето на општината. За 11 и 12 септември беше најавена дводневна програма и фестивалот „Машкари аменде“, а засега нема официјална информација дали пожарот ќе влијае врз најавените активности.