ПРВ.мк
Црна Хроника

13-годишник се бори за живот, Обвинителството бара притвор за полнолетен осомничен

13-годишник се бори за живот, Обвинителството бара притвор за полнолетен осомничен

Јавното обвинителство побара притвор за едно полнолетно лице осомничено во врска со насилниот инцидент во скопски Чаир, во кој со нож биле тешко повредени 13-годишно дете и едно полнолетно лице, додека уште едно дете се здобило со полесни повреди.

Според соопштението на Обвинителството, осомничениот и неговиот малолетен брат, кој е под законската граница за кривична одговорност, презеле дејствија на насилство со кои биле нанесени тешки телесни повреди со убоди од нож на едно дете и едно полнолетно лице.

Во инцидентот полесно било повредено уште едно дете, а според Обвинителството, со нивните постапки кај присутните било предизвикано чувство на несигурност, загрозување, страв и вознемиреност.

Јавниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за полнолетниот осомничен.

Претходно, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека во врска со инцидентот биле приведени вкупно пет лица.

Тошковски изјави дека 13-годишното дете кое се здобило со тешки повреди се наоѓа во многу тешка здравствена состојба и се бори за живот.

Според првичните информации со кои располагало МВР, детето со тешки повреди и малолетникот за кој се наведува дека ги нанел биле иста генерација, родени во 2012 година.

Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.