ПРВ.мк
Црна Хроника

10 ГОДИНИ ОД НАЈЦРНИОТ ДЕН ЗА СКОПЈЕ: Водата однесе 22 животи, а малата Елиф сè уште ја нема!

10 ГОДИНИ ОД НАЈЦРНИОТ ДЕН ЗА СКОПЈЕ: Водата однесе 22 животи, а малата Елиф сè уште ја нема!

На денешен ден пред десет години Македонија беше погодена од едно од најразорните невремиња во поновата историја. На 6 август 2016 година силен пороен дожд, моќни грмежи и силен ветер го погодија Скопскиот регион, оставајќи зад себе огромна трагедија и незаборавни сцени на уништување.

Најтешко беа погодени населбите Стајковци, Сингелиќ, Смилковци, Црешево и Арачиново, каде за кратко време водата направи огромна штета и ги претвори улиците во опасни порои.

Во само 24 часа во Скопје паднале 93 литри дожд на метар квадратен, а само во првите два часа биле регистрирани повеќе од 800 молњи и громови. Силата на невремето предизвикала големи поплави, оштетени домови, уништени возила и прекината инфраструктура.

Најголемата болка останаа човечките загуби. Во поплавите животот го загубија 22 лица, а меѓу нив беше и најмладата жртва – двегодишно дете.

Посебно трагична остана приказната за малата Елиф Фејзула, која тогаш имала само 16 месеци. Девојчето исчезна за време на поплавите додека било во возило со својот татко, кој исто така го загубил животот. Десет години подоцна, нејзината судбина сè уште останува неразјаснета, а таа и понатаму се води како исчезната.

По катастрофалното невреме, во скопските клиники биле примени 22 повредени лица, додека повеќе од 1.000 граѓани биле евакуирани од најпогодените подрачја.

Многу семејства останале без своите домови, а голем број куќи, патишта и други објекти биле сериозно оштетени. Во деновите по трагедијата, граѓани, организации и институции се мобилизираа за да им помогнат на погодените семејства.

Владата прогласи кризна состојба во Скопскиот и Тетовскиот регион, а 8 август беше прогласен за Ден на жалост во знак на почит кон жртвите.

Последиците од поплавите се санираа со месеци, но датумот 6 август 2016 година остана длабоко врежан во сеќавањето на многу граѓани како ден кога природата покажа огромна сила, а Македонија изгуби 22 свои сограѓани.