Русија изврши напад со дронови врз два цивилни брода под странско знаме во регионот на Одеса, при што загина еден сириски државјанин, а еден е ранет, соопшти заменик-претседателот на украинската Влада, Олексиј Кулеба.
Еден од бродовите пловел под знамето на Сент Китс и Невис и бил нападнат додека се приближувал кон пристаништето Чорноморск за да преземе жито. Вториот брод, кој превезувал соја и пловел под знамето на Коморските Острови, бил погоден близу Одеса.
Кулеба истакна дека нападите покажуваат дека Русија намерно таргетира цивилни објекти, меѓународниот бродски сообраќај и логистиката на храна.
Според украинските пристанишни власти, во текот на минатата година забележани се 96 руски напади врз пристаништата во областа на Одеса, што е речиси трипати повеќе отколку во 2024 година.
















