ПРВ.мк
Црна Хроника

ЖЕНА ОД ВЕЛЕС КАСНАТА ОД ЦРНА ВДОВИЦА – Итно префрлена на Токсикологија

ЖЕНА ОД ВЕЛЕС КАСНАТА ОД ЦРНА ВДОВИЦА – Итно префрлена на Токсикологија

Шеесет и едногодишна жена од Велес била итно префрлена на Клиниката за токсикологија во Скопје, откако била касната од пајак црна вдовица додека работела на нива во велешкото село Еловец.

По каснувањето, жената почувствувала силни болки во раката и грбот, вртоглавица и грчеви низ целото тело, по што побарала медицинска помош и била примена во Ургентниот центар во Велес.

Лекарите веднаш ѝ укажале соодветен третман, а по консултација со специјалистите од Клиниката за токсикологија во Скопје било одлучено да биде транспортирана на понатамошно лекување.

Пајакот што ја каснал бил донесен во болницата, каде што лекарите потврдиле дека станува збор за црна вдовица, еден од најотровните пајаци што можат да се сретнат во регионот.

Од Општата болница во Велес посочуваат дека не паметат ваков случај во последните четири децении. Црната вдовица е присутна во карпестите предели на Велешко, а нејзиниот отров содржи силен невротоксин кој може да предизвика интензивна болка, мускулни грчеви, потење, мачнина и други сериозни симптоми, поради што е потребна брза лекарска интервенција.