По повеќемесечна истрага, македонската полиција во координација со обвинителството и надлежните служби од Косово и Грција успеала да разоткрие меѓународна криминална група осомничена за организиран транспорт на марихуана.
Клучниот удар врз групата бил извршен на 14 август во Солун, каде биле лишени од слобода македонски и косовски државјанин. При акцијата биле запленети 324 килограми и 474 грама марихуана, која била вешто сокриена во товар со рециклирана пресувана хартија.
Истрагата била спроведена од Одделот за криминалистичка полиција при МВР, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и со поддршка од надлежните институции во Косово и Грција.
Во рамки на истрагата биле преземени активности и на територијата на Македонија. Полициски службеници, во координација со јавен обвинител, извршиле претреси на повеќе локации со цел да се обезбедат дополнителни материјални докази и да се документира целокупната криминална активност.
При претресите биле пронајдени и одземени мобилни телефони и документација, кои сега се предмет на дополнително вештачење и анализа.
По завршувањето на истрагата, МВР до надлежното обвинителство поднело кривична пријава против едно лице, македонски државјанин.
Од Министерството велат дека со координираните активности е зададен значаен удар врз меѓународната организирана криминална група и се обезбедени докази што треба да помогнат во понатамошното водење на постапката.









