Невиден вандализам го потресе Белград откако непознати сторители осквернавиле повеќе од 35 гробници на Мокролушките гробишта.
Според сведоштвата на жителите, разбојниците ги кршеле надгробните плочи, ги отворале ковчезите и ги краделе металните украси и вредните предмети. Најморничавото тврдење е дека од телото на една почината жена била отсечена раката за да ѝ биде одземен прстенот.
„Не смееме да доаѓаме сами, дури ни преку ден. Ако се способни да отвораат гробници, можете да замислите што би направиле со жив човек“, изјавила една жителка на населбата.
Граѓаните велат дека крадците најчесто биле заинтересирани за предмети изработени од месинг – букви, бројки, синџири, бисти и други метални украси, кои подоцна ги препродавале како старо железо.
По нив останале уништени ковчези, искршени надгробни плочи и голема материјална штета. Семејствата на починатите сега се принудени повторно да ги обновуваат гробниците и да ги бетонираат капаците.
Полицијата врши увид и работи на идентификување на сторителите, додека локалното население бара поголема заштита и постојан надзор на гробиштата за да се спречат вакви инциденти во иднина.









