Агенцијата за национална безбедност (АНБ) објави нови детали за координираната акција спроведена на 16 јуни заедно со Министерството за внатрешни работи и под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Во рамки на предистражната постапка за кривичното дело „Терористичка организација“, биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, при што биле пронајдени и одземени дигитални уреди и друга електронска опрема, кои треба да помогнат во понатамошната истрага.
Со кривичната пријава се опфатени пет лица за кои постои основано сомнение дека се дел од терористичка организација. За едно лице е определен притвор, за друго домашен притвор, додека преостанатите тројца веќе се наоѓаат во казнено-поправни установи поради претходни кривични дела поврзани со тероризам.
Од АНБ информираат дека акцијата е резултат на претходно прибрани разузнавачки информации, како и на меѓународна соработка со партнерски служби.
Според досегашните сознанија, осомничените биле идеолошки поддржувачи на терористичката организација „Исламска држава“ и воспоставиле контакти со нејзини пропагандни канали. Тие, наводно, работеле на создавање локална мрежа преку која ширеле екстремистички и насилни содржини со цел поттикнување терористички активности во земјава, а истовремено обезбедувале и логистичка поддршка на лица кои претходно биле опфатени во контратерористички истраги.
Од Агенцијата порачаа дека остануваат посветени на навремено откривање и спречување на сите закани по националната безбедност, со цел заштита на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните.






