Екстремните горештини и огромната потрошувачка на електрична енергија предизвикаа силен скок на цените на струјата на берзите во Југоисточна Европа, а во најкритичните часови цената надмина 500 евра за мегават-час.
Една од главните причини е масовната употреба на клима-уреди за време на актуелниот топлотен бран. Во часовите кога температурите и потрошувачката го достигнуваат максимумот, електроенергетските системи се соочуваат со огромен притисок.
Ситуацијата дополнително ја влошуваат сушата и ниските водостои, поради кои е ограничено производството на електрична енергија од хидроцентралите.
Во Грција, Бугарија, Унгарија и Србија цените, кои вообичаено се движат околу 80 до 100 евра за мегават-час, во одредени периоди се искачиле над 300 и 400 евра, додека во најкритичните часови биле регистрирани вредности над 500 евра за мегават-час.
Највисоките цени се регистрираат токму во периодите на најголема дневна потрошувачка, кога милиони клима-уреди истовремено ги оптоваруваат електроенергетските мрежи.
Експертите предупредуваат дека ваквите ценовни шокови ја покажуваат потребата од дополнителни инвестиции во производство од обновливи извори, но и во батериски системи и други капацитети за складирање електрична енергија.
Со продолжувањето на топлотниот бран и сушата, притисокот врз регионалниот електроенергетски систем останува висок.










