Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска, 27 септември, треба да поднесе оставка од функцијата претседател на Србија. Тој најави дека оставката ќе ја поднесе во вечерните часови, најверојатно околу 20 часот, кога треба и да ѝ се обрати на јавноста и да ги образложи причините за својата одлука. Информацијата денеска ја објави и РТС.
Вучиќ уште на 14 септември соопшти дека 27 септември ќе биде денот кога ќе ја напушти претседателската функција, а неколку дена подоцна, за време на престојот во Њујорк, прецизираше дека тоа најверојатно ќе се случи околу 20 часот.
По повлекувањето од претседателската функција, Вучиќ најави дека ќе се вклучи во кампањата за предвремените парламентарни избори како граѓанин. Изборите се закажани за 25 октомври, откако на 9 септември тој го потпиша указот за распуштање на Народното собрание и одлуката за распишување предвремени парламентарни избори.
Републичката изборна комисија во меѓувреме ја прогласи листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, на која Вучиќ е прв, за претстојните парламентарни избори.
Оставката доаѓа по повеќе претходни најави на Вучиќ дека предвреме ќе ја напушти функцијата. Според неговите последни изјави, вечерва јавноста треба да ги слушне и причините поради кои се одлучил на овој чекор.










