Министерот за енергетика на Бугарија, Жечо Станков, изјави дека енергетскиот систем на Југоисточна Европа бил ставен на сериозно искушение – точно три недели по големиот дефект што ги погоди Шпанија и Португалија. Според него, Бугарија со дела и со зборови покажала дека е гарант за сигурноста на енергетските мрежи не само во земјата, туку и во целиот регион. Таа моментално ѝ помага на Северна Македонија и на Србија поради дефектите во нивните енергетски системи, пишува btvnovinite.bg
„Во раните утрински часови во неделата, системот се соочи со големи предизвици поради високите напони, предизвикани од ниската потрошувачка и зголеменото количество реактивна енергија. Бугарија располага со 90% од своите компензациски капацитети и успеавме да ги контролираме сите процеси, со што им помогнавме и на нашите соседи“, објасни министерот Станков на вонреден брифинг.
Тој додаде дека Бугарија ќе продолжи да ѝ помага на Северна Македонија по големиот енергетски дефект, а веќе постои барање за повторно воспоставување напон и на други електропроводи од 110 киловолти, освен линијата „Беласица“.
„Денешниот дефект е доказ дека Бугарија мора да инвестира во компензациски капацитети, како и во изградба на нови хидроакумулациски централи (ПАВЕЦ)“, нагласи Станков.
Тој појасни дека обновливите извори на енергија не се причина за проблемот – виновник е т.н. паразитна реактивна енергија, која го зголемила напонот во електричната мрежа. Производствените и компензациските капацитети во Бугарија ја заштитиле националната електроенергетска мрежа, апсорбирајќи ја оваа реактивна енергија. ПАВЕЦ „Чаира“ исто така може да ја има таа функција. Министерот истакна дека ниту еден потрошувач во Бугарија не го почувствувал дефектот што се случи во Северна Македонија.
Станков додаде дека и Хрватска се соочува со проблеми во својот преносен систем, поради недостигот на компензациски капацитети што би го стабилизирале производството на електрична енергија.
Да потсетиме, утрово околу 05:00 часот, половина Северна Македонија остана без струја. Погодени беа најголемите градови во земјата, вклучително и голем дел од главниот град – Скопје.