Албанија и Велика Британија ќе започнат заедничко производство и извоз на воена опрема, најави британскиот премиер Кир Стармер за време на својата официјална посета на Тирана.
На заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Стармер ја претстави новата билатерална иницијатива како дел од поширока декларација за одбранбена соработка меѓу двете земји.
„Можам да потврдам дека потпишавме заедничка декларација за одбранбениот сектор, со која се стремиме да ја засилиме националната безбедност, да поттикнеме иновации и да го поддржиме економскиот раст на нашите земји,“ изјави Стармер.
Тој нагласи дека овој потег доаѓа во време кога, како што рече, европските држави мора да покажат единство и цврстина во справување со руската агресија.
„Ова е историски момент во кој Европа треба да стои обединета. Велика Британија ќе продолжи да ја предводи поддршката за Украина, а исклучително сум благодарен на премиерот Рама и на Албанија за нивната досегашна и натамошна соработка по ова прашање,“ додаде британскиот премиер.
Со оваа соработка, Албанија ќе го зајакне својот геостратешки профил во рамки на НАТО, а се очекува и значаен технолошки и индустриски развој во одбранбениот сектор.