Бугарија се соочува со сериозна епидемија на мали сипаници (морбили), а според најновите податоци на бугарското Министерство за здравство, досега се регистрирани 446 случаи, при што најголемиот дел од заболените се деца.
Според официјалните информации, од вкупниот број заразени, 368 се деца, што укажува дека вирусот најсилно ја погодува најмладата популација.
Случаи на заболени се евидентирани во 11 области низ земјата. Најголем број инфекции се регистрирани во Враца, каде што има повеќе од 220 потврдени случаи, додека значителен број заболени има и во областите Плевен и Ловеч.
Заразени лица се регистрирани и во Монтана, Софија, Софиската област, Варна, Русе, Видин, Перник и Трговиште, што покажува дека вирусот е присутен во повеќе делови од земјата.
Податоците покажуваат дека 228 од заболените не биле вакцинирани против морбили, најчесто поради возраста или други причини. За уште 37 лица здравствените власти немаат информации за нивниот вакцинален статус.
Во обид да се ограничи ширењето на вирусот, од почетокот на епидемијата во Бугарија се аплицирани 48.826 дози од ММР-вакцината, која обезбедува заштита од мали сипаници, заушки и рубеола.
Морбилите се сметаат за една од најзаразните вирусни болести и лесно се пренесуваат од човек на човек преку кашлање, кивање или близок контакт. Болеста може да предизвика сериозни компликации, особено кај мали деца, лица со ослабен имунитет и невакцинирани лица.
Во Бугарија вакцинацијата против морбили е задолжителна и бесплатна. Првата доза од вакцината се прима на возраст од 13 месеци, додека ревакцинацијата се спроведува по навршени 12 години, како дел од редовниот календар за имунизација.







