Три угостителски објекти во Лепосавиќ, чии сопственици се Срби, се затворени по инспекциска контрола спроведена доцна синоќа, со асистенција на косовската полиција. На сопствениците на уште два локала им биле изречени парични казни.
Според соопштението на косовската полиција, полициските службеници им асистирале на санитарните, даночните и пазарните инспектори при контролата на вкупно пет угостителски објекти.
По извршените проверки, три локали биле затворени, додека за два објекта биле изречени парични санкции.
Ова не е прв ваков случај во последниот период. Во изминатиот месец инспекциските служби, повторно со асистенција на полицијата, вршеле контроли на угостителски објекти во северниот дел на Косовска Митровица, Звечан и Зубин Поток.
При претходните акции биле привремено затворени најмалку десет угостителски објекти.






