ПРВ.мк
Балкан

ДРАМАТИЧНО СПАСУВАЊЕ ВО БЕЛГРАД: Возач заробен во потопен автомобил, хероите го извлекувале низ прозорец

ДРАМАТИЧНО СПАСУВАЊЕ ВО БЕЛГРАД: Возач заробен во потопен автомобил, хероите го извлекувале низ прозорец

Обилните врнежи од дожд предизвикале вистински хаос на улиците во Белград, кои на повеќе места се претвориле во реки. Возила останале заглавени во надојдената вода, а дел од возачите и патниците биле заробени во автомобилите, од кои не можеле самостојно да излезат.

Во драматичните моменти, двајца полициски службеници, Бојан Ковчиќ и неговиот колега Никола, покажале голема храброст и спасиле четири лица од поплавени возила.

Тие по завршувањето на смената во средата вечерта се нашле во близина на подвозникот кај Итната помош. Кога забележале дека луѓе се заробени во автомобилите, веднаш реагирале и влегле во водата за да им помогнат.

„Истрчавме од нашето возило, влеговме во водата и им помагавме на луѓето кои беа заробени“, раскажал Бојан.

Во еден од автомобилите сите четири врати биле блокирани од водата, па полицајците морале да го скршат прозорецот за да го извлечат човекот на безбедно.

Пред тоа, тие помогнале и на две жени и уште еден маж, чии возила биле речиси целосно потопени.

„Искрено, не размислувавме многу. Штом се најдовме во таква ситуација, веднаш притрчавме да помогнеме. Тоа е наша должност“, изјавил Бојан.

По невремето, експертите апелираат до возачите да избегнуваат улици и подвозници кои редовно се поплавуваат при силни врнежи. Доколку се најдат пред надојдена вода, најбезбедно е да се свртат и да побараат алтернативен пат, доколку тоа можат да го направат без ризик.

Ако возилото веќе се најде заглавено во длабока вода, се советува веднаш да се повикаат противпожарните и спасувачките служби.

Посебно внимание треба да посветат и сопствениците на електрични и хибридни автомобили. По контакт со вода, пред повторно полнење, возилото треба да биде проверено во сервис за да се утврди дали се зафатени електричните инсталации, поради опасност од краток спој и пожар.